Историја


“Педесет и пет години работа на едно организирано здравство во една медицинска установа е навистина долг период. Тоа е време исполнето со труд, работа и ентузијазам, со голем број тешкотии и напори за да се совлада недостатокот на се она што било потребно и неопходно, и при тоа да се успее да се задржи солидно ниво на здравствена заштита.

Непосредно со сите организациски тешкотии, недоволниот број на медицински квалификуван кадар, кадар со слабо искуство, голема оддалеченост на Демир Хисар и демирхисарските села од околните градови, сиромаштијата која владееше долг период, сепак не ги поколеба здравствените работници во Демир Хисар да истраат во организациската поставеност на здравствената заштита и да овозможат нејзин стабилен развој во натамошниот период. Во 1980 година по иницијатива на тогашната локална управа на Демир Хисар, почна да се гради нов објект со намена на здравствен дом. По три години интензивна изградба, на 02.09.1983 година, на Денот на ослободувањето на Демир Хисар, новиот објект на Здравствениот дом беше пуштен во употреба. Тоа беше всушност денешниот Здравствен дом кој располага со 1980 м² корисна површина.“

Извадок од Монографијата ”Развојот на здравството во демирхисарскиот крај” по повод Јубилејот 55 години од Др. Зоран Поповски, објавена 2002 година